Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 17:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога.

2. И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото,

3. толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.”

4. И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени.

5. Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот.

6. А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука!

7. И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!”

8. Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа;

9. и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија.

10. А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога.

11. Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така.

12. И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку.

13. А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 17