Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 16:18-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!” И излезе во истиот час.

19. Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците.

20. Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град

21. и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.”

22. И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови.

23. И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро.

24. Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада.

25. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.

26. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.

27. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.

28. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!”

29. А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;

30. ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?”

31. Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.”

32. И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом.

33. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови.

34. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 16