9. Тогаш Савле - кој се вика и Павле - исполнет со Светиот Дух, го насочи погледот кон него и рече:
10. ”О, ти полн со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?!
11. И, еве, сега Господовата рака паѓа на тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!” И во истиот миг паднаа на него мрак и темнина; и тој одеше наоколу и бараше луѓе, кои ќе го водат.
12. Тогаш проконзулот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи и се на Господовата наука.
13. А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во Памфилиска Пергија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.
14. А тие заминаа од Пергија и дојдоа во Писидиска Антиохија; и влегоа во синагогата во саботен ден, и седнаа.
15. А по читањето на Законот и Пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некакво утешно слово за народот, зборувајте!”
16. Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои се боите од Бога, чујте!
17. Бог на овој Израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во Египетската Земја, и со воздигната рака ги изведе од таа земја,
18. и околу четириесет години ги трпеше во пустината;
19. и уништи седум народи во Хананската Земја, и им ја даде во наследство нивната земја;