Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 12:6-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата.

7. И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!” И веригите му паднаа од рацете.

8. Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!” Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!”

9. И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид.

10. Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него.

11. И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”

12. Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат.

13. И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.

14. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата.

15. А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.”

16. А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија.

17. Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!” Потоа излезе и отиде на друго место.

18. А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра?

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 12