Стар Завет

Нов Завет

2 Тимотеј 1:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, апостол на Христа Исуса по Божја волја, според ветениот живот во Христа Исуса,

2. до Тимотеј, возљубеното чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ.

3. Му благодарам на Бога Кому Му служам уште од моите прародители со чиста совест, спомнувајќи те постојано - ноќе и дење - во своите молитви;

4. а кога ќе си спомнам за твоите солзи, копнеам да те видам, да се исполнам со радост;

5. кога си спомнувам за нелицемерната вера која е во тебе, која прво се наоѓаше во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а уверен сум и во тебе.

6. Затоа ти напомнувам да го разгориш Божјиот дар, кој е во тебе преку возлагањето на моите раце.

7. Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и себевладеење.

8. И така, не се срамувај од сведоштвото за нашиот Господ и од мене, затвореникот за Него, туку страдај и ти со мене за Евангелието, според силата на Бога,

9. Кој нè спаси и нè повика со свет повик, не според нашите дела туку по сопствена одлука и благодат, која ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња,

10. а која сега се откри преку јавувањето на нашиот Спасител Христос Исус, Кој ја уништи смртта и ги осветли животот и бесмртноста преку Евангелието,

11. за кое јас сум поставен како проповедник, и апостол, и учител.

12. Заради тоа и го трпам сè ова, но не се срамам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој може да го запази она што Му го доверив, до оној Ден.

13. Држи се за образецот на здравите зборови што си ги чул од мене во верата и љубовта која е во Христа Исуса!

Прочитајте целосна глава 2 Тимотеј 1