поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Стар Завет

Нов Завет

2 Коринќаните 11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ох, кога би сте можеле да истрпите малку безумие од моја страна! Но, вие и ме трпите!

2. Зашто, ревнувам за вас со Божја ревност; бидејќи ве свршив со еден маж, за да ве приведам како чиста девица пред Христа.

3. Но се плашам, како што змијата ја измами Ева со своето лукавство, така и вашите мисли да не се одвратат од простодушноста и од чистата верност во Христа.

4. Зашто, ако некој дојде да ви проповеда друг Исус, кого ние не го проповедавме; или ако примате друг дух, кого не го примивте; или друго евангелие, кое не сте го примиле, вие сепак би сте го трпеле тоа.

5. Имено, мислам дека во ништо не сум помал од најпрвите апостоли.

6. Ако сум и невешт во говорот, не сум во знаењето, тоа ви го покажавме во сè и сешто.

7. Грев ли сторив понижувајќи се самиот, за да ве издигнам вас, кога без награда ви го проповедав Божјото Евангелие?

8. Ограбив други цркви, примајќи од нив плата, за да ви служам вам. И кога бев при вас, и кога бев во беда, никому не му бев на товар;

9. зашто за моите потреби дадоа браќата, кои дојдоа од Македонија. И се пазев во сè, и ќе се пазам, да не ви бидам товар.

10. Христовата вистина е во мене, и оваа пофалба за мене нема да биде ограничена во ахајските краишта!

11. Зошто? Затоа ли што не ве љубам? Бог знае!

12. А она што го правам, ќе го правам и во иднина, за да го пресечам поводот на оние, кои бараат повод, за да се покажат како нас во она во што се фалат.

13. Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, измамливи работници кои се преправаат во Христови апостоли.

14. И не е чудно, зашто самиот сатана се преправа во ангел на светлината.

15. Тогаш, не е ништо големо, ако и неговите слуги се преправаат во слуги на правдата. Но нивниот крај ќе им биде според нивните дела.

16. Велам пак: никој да не ме смета за безумен, ако пак ме смета како таков, примете ме како безумен, за да се пофалам и јас малку.

17. А она што го зборувам сега, не го зборувам по Господа, туку како во безумство, во смелоста на фалењето.

18. И кога веќе мнозина се фалат по тело, и јас ќе се фалам;

19. зашто вие, кои сте мудри, со задоволство ги трпите безумните!

20. Имено, трпите: ако некој ве заробува, ако некој ве јаде, ако некој ве ограбува, ако некој се возвишува себеси, ако некој ве удира по лице.

21. Зборувам за срам, како да бевме слаби во тоа. Но ако е некој смел во нешто (зборувам по безумство) и јас сум смел.

22. Евреи ли се? И јас сум. Израелци ли се? И јас сум. Авраамово потомство ли се? И јас сум.

23. Христови служители ли се? Зборувам во безумство. Јас сум уште повеќе. Повеќе се трудев, повеќепати бев во темници, бев биен премногу; многупати во смртни опасности.

24. Од Јудејците примив петпати по четириесет удари без еден.

25. Трипати бев бичуван, еднаш каменуван, трипати доживеав бродолом; ноќ и ден поминав на длабоко море.

26. Често патував: бев во опасности од реки, во опасности од разбојници, во опасности од сонародници, во опасности од народи; во опасности во град, во опасности во пустина, во опасности по море, во опасност меѓу лажни браќа,

27. во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голота;

28. посебно, преку сè тоа што секојдневно напаѓа на мене - грижата за сите цркви.

29. Кој е слаб, а и јас да не сум слаб? Кој се соблазнува, а јас да не согорувам?

30. Ако треба да се фалам, ќе се фалам со своите слабости.

31. Бог и Таткото на нашиот Господ Исус, Кој е благословен довека, знае дека не лажам.

32. Во Дамаск, намесникот на царот Арета, го чуваше Дамаскиот град, сакајќи да ме фати,

33. и ме спуштија низ прозорец, во кош преку ѕидот, и избегав од неговите раце.