поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Стар Завет

Нов Завет

2 Коринќаните 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, апостол на Исуса Христа, преку Божјата волја, и братот Тимотеј до Божјата црква која е во Коринт, со сите свети, кои се по цела Ахаја.

2. Благодат вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа!

3. Благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдноста и Бог на секоја утеха,

4. Кој нè утешува во секоја наша неволја, за да можеме и ние да ги утешуваме оние, кои се наоѓаат во каква и да е неволја, со утехата со која Бог нè утешува нас самите.

5. Зашто, како што Христовите страдања изобилуваат во нас, така преизобилува и нашата утеха преку Христа.

6. Ако сме измачувани, тоа е за ваша утеха и спасение. Ако се утешуваме, тоа е за ваша утеха, која дејствува во трпението на оние исти страдања, што ги трпиме и ние.

7. Нашата надеж за вас е цврста, знаејќи дека вие учествувате како во страдањата така и во утехата.

8. Браќа, не сакаме да останете во незнаење во однос на неволјата што ни се случи во Азија, додека бевме оптоварени преку секоја мерка и над нашите сили, така што не се надевавме ни да го запазиме својот живот.

9. Па и сами во себеси дојдовме до заклучок, дека ќе и бидеме предадени на смртта, за да не се надеваме сами на себеси, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите.

10. Тој нè избави и уште нè избавува од таква смрт; Тој, во Кого се надеваме, дека пак ќе нè избави,

11. со помош на вашата молитва за нас, за да му заблагодарат на Бога многу луѓе за нас, за благодатниот дар што го добивме.

12. Зашто нашата самопофалба е ова: сведоштвото на нашата совест, дека ние живееме во светот, а особено меѓу вас, во светост и Божја искреност, а не во телесна мудрост, туку во Божјата благодат.

13. Зашто, не ви пишуваме нешто друго, освен она, што го читате и разбирате; а се надевам дека ќе разберете до крај,

14. како што веќе нè разбравте делумно: дека ние сме пофалба за вас, а вие за нас, во Денот на нашиот Господ Исус.

15. Со таа увереност сакав да дојдам најпрвин при вас, за да примите двојна благодат;

16. и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, и вие да ме испратите за Јудеја.

17. И така, да не постапив лесномислено кога го посакав тоа? Или моите намери, се намери по телото, така што во мене истовремено е „да-да” и „не-не.”

18. Бог е верен, дека: нашето слово кон вас не е „да” и „не.”

19. Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас: јас, Силуан и Тимотеј, не беше „да” и „не”, туку во Него беше „да”,

20. бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се „да.” Затоа и ние велиме „Амин”, преку Него, за слава на Бога, преку нас.

21. А Бог нè утврдува заедно со вас во Христа и нè помаза,

22. и нè запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог.

23. А јас Го повикувам Бога за сведок на својата душа: дека, штедејќи ве вас, не дојдов веќе во Коринт;

24. но не како ние да владееме со вашата вера, туку сме соработници во вашата радост, зашто во верата вие стоите цврсто.