поглавја

  1. 1

Стар Завет

Нов Завет

2 Јован 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Од старешината, до избраната госпоѓа и нејзините деца, кои ги љубам во вистина, и не само јас, туку и сите, кои ја познаа вистината,

2. заради вистината, што останува во нас и што ќе биде со нас довека.

3. Благодат, милост и мир ќе бидат со нас од Бог Таткото и од Господа Исуса Христа, Синот на Таткото, во вистина и љубов.

4. Многу се зарадував зашто меѓу твоите деца најдов такви, кои одат во вистината, како што примивме заповед од Таткото.

5. И сега те молам, госпоѓо, - не како да ти пишувам нова заповед, туку онаа што ја имавме од почеток: да се љубиме еден друг.

6. А љубов е ова: да одиме според Неговите заповеди. Тоа е заповедта, како што чувте од почетокот, во која треба да одите.

7. Зашто многу измамници излегоа во светот, кои не исповедаат дека Исус Христос дојде во тело; - тоа е измамник и антихрист.

8. Пазете се да не го изгубите она што сме го спечалиле, туку да примите полна награда.

9. Секој, кој оди натаму и не останува во Христовата наука, Го нема Бога. Кој останува во Христовата наука, тој Го има и Таткото и Синот.

10. Ако некој дојде при вас и не ја донесе оваа наука, не примајте го во домот и не поздравувајте го;

11. зашто кој го поздравува, учествува во неговите зли дела.

12. Имам многу да ви пишувам, ама не сакам со книга и мастило, туку се надевам дека ќе ви дојдам и усно да зборувам со вас, за да биде нашата радост полна.

13. Те поздравуваат децата на твојата избрана сестра. Амин!