поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

1 Солунците 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А што се однесува за времињата и настаните, браќа, немате потреба да ви се пишува;

2. зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќта.

3. Кога ќе речат: мир и безбедност, тогаш ненадејно ќе падне погибел на нив, како болка на трудна жена, и не ќе и избегаат.

4. Но вие, браќа, не сте во темнина - та Денот да ве затече како крадец;

5. зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот. Не и припаѓаме на ноќта, ниту на темнината;

6. и така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени;

7. зашто оние кои спијат, спијат ноќе и кои се опиваат, ноќе се опиваат.

8. А ние, кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, да се облечеме во оклоп на вера и љубов, и со надежта на спасение како кацига,

9. зашто Бог не нè определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,

10. Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, било да сме будни или да спиеме.

11. Затоа утешувајте се меѓусебно и надградувајте се еден друг како што и правите!

12. Ве молиме, браќа, да им дадете признание на оние, кои се трудат меѓу вас, како ваши душогрижници во Господа, и ве опоменуваат.

13. Ценете ги над сè во љубов, заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе.

14. Ве молиме уште, браќа, поучувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите, бидете трпеливи со сите.

15. Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш одете по она што е добро меѓу себе и кон сите!

16. Радувајте се секогаш!

17. Молете постојано!

18. Благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса!

19. Не гаснете го Духот!

20. Не презирајте ги пророштвата,

21. испитувајте сè, задржувајте го доброто.

22. Воздржувајте се од секоја појава на зло!

23. А Самиот Бог на мирот да ве освети наполно! И вашиот дух, и душата, и телото да се запазат беспрекорно при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!

24. Верен е Оној, Кој ве повикува и Кој и ќе го направи тоа.

25. Браќа, молете и за нас!

26. Поздравете ги сите браќа со свет целив!

27. Ве заколнувам во Господа, ова писмо да им го прочитате на сите браќа.

28. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас. Амин!