поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

1 Солунците 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Најпосле, браќа, бараме и ве опоменуваме во Господа Исуса, да изобилувате повеќе во она што го примивте од нас, како треба да живеете и да Му угодувате на Бога, како што и успевате во тоа.

2. Имено, знаете какви наредби ви дадовме во името на Господа Исуса.

3. Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување, да се воздржувате од блудство,

4. секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест,

5. не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога;

6. да не престапува и го измамува својот брат во тоа, зашто за сè тоа Господ е Одмаздувач, како што ви рековме и сведочевме порано.

7. Имено, Бог не нè призва на нечистота, туку на осветување.

8. Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух.

9. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите еден друг,

10. а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе

11. и да настојувате усрдно да живеете тихо, да ги гледате своите работи и да работите со своите раце, како што ви наредивме,

12. за да се однесувате благоприлично кон оние, надворешните и да немате потреба од ништо. За Христовото доаѓање

13. Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж.

14. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него.

15. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле;

16. зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво.

17. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа.

18. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.