Стар Завет

Нов Завет

1 Петар 4:2-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. та останатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките страсти, туку според Божјата волја.

3. Зашто доста е што во минатото време ја вршевте волјата на народите со тоа што живеевте во разврати, во страсти, во пијанства, во гозби, во опијанувања и во беззаконско идолопоклонство.

4. Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и ве хулат;

5. тие ќе Му дадат сметка на Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите.

6. Имено, затоа им е проповедано Евангелието и на оние кои се сега мртви, за тогаш да беа судени по човечки во телото, а со духот сега да живеат според Бога.

7. А крајот на сè е близу. И така, бидете разумни и бдејте во молитвите.

8. Пред сè имајте постојана љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови.

9. Бидете гостољубиви еден кон друг без негодување.

10. Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат.

11. Ако некој говори, нека зборува како Божји зборови; ако некој служи, нека служи како по силата, која Бог ја дава, за да се слави во сè Бог преку Исуса Христа, Кому Му припаѓаат славата и силата во сите векови. Амин.

12. Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично,

13. туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава.

14. Блажени сте ако ви префрлуваат за Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас. Вистина, - според нив, Тој е похулен, но според вас, Тој е прославен.

15. Имено, никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној, кој се меша во туѓи работи;

16. но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бога со тоа име,

17. зашто е време да почне судот од Божјиот дом; а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?

18. И „ако праведникот одвај се спасува, каде ќе се покажат безбожникот и грешникот?”

19. Затоа и оние, кои страдаат по Божја волја, да Му ги предадат своите души на верниот Создател, правејќи добро.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 4