поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

1 Коринќаните 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Не сум ли апостол? Не сум ли слободен? Не го видов ли Исуса, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа?

2. Ако не сум им апостол на другите, но вам ви сум: зашто вие сте печат на моето апостолство во Господа.

3. Тоа е мојата одбрана пред оние, кои ме испитуваат.

4. Немаме ли право да јадеме и пиеме?

5. Немаме ли право да водиме жена од сестрите, како и другите апостоли и Господовите браќа, и Кифа?

6. Или само јас и Варнава немаме право да се воздржиме од работа?

7. Кој војник служи некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде млеко од стадото?

8. Го зборувам ли ова само по човечки? Не го вели ли ова и Законот?

9. Навистина, во Мојсеевиот Закон е напишано: „Не врзувај му ја устата на волот, што врши!”- Зар Бог се грижи за воловите?

10. Или го вели тоа главно за нас? Да, тоа е напишано за нас, зашто кој ора треба да ора во надеж, и кој врши, да врши во надеж дека ќе го добие својот дел.

11. Ако ние посеавме во вас духовни добра, дали е нешто големо ако ги жнееме вашите телесни добра?

12. Ако други го имаат тоа право над вас, немаме ли ние поголемо? Но ние не се служиме со тоа право, туку поднесуваме сè, за да не му поставиме некаква пречка на Христовото Евангелие.

13. Не знаете ли дека се хранат од храмот оние, кои исполнуваат света служба, и дека служителите на жртвеникот добиваат дел од жртвеникот?

14. Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието.

15. А јас не се ползував со ништо од сè тоа. А и ова не го напишав за да ми биде така, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата.

16. Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто неопходноста ми е наложена. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието!

17. Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сè уште мене ми е доверено управувањето.

18. Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието.

19. Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе.

20. На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот.

21. На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон.

22. На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сè, та по секаков начин да спасам некои.

23. А сè тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.

24. Не знаете ли дека во тркалиштето трчаат сите тркачи, но само еден добива награда! Трчајте така и вие, за да ја добиете!

25. Секој натпреварувач се воздржува од сè; тие, за да добијат распадлив венец, а ние нераспадлив.

26. Затоа јас трчам така, не како кон неизвесно; и се борам така, не како оној, кој го бие ветерот;

27. туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот непожелен.