поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

1 Коринќаните 6 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Смее ли некој од вас, ако има спор против друг, да се суди пред неправедните, а не пред светите?

2. Или не знаете ли дека светите ќе му судат на светот? И ако вие ќе му судите на светот, не сте ли достојни да судите во сосем мали спорови?

3. Не знаете ли дека ќе им судиме на ангелите! А колку повеќе тогаш, работите во животот!

4. И така, ако имате обични спорови, дали ги поставувате за судии оние, кои се малку ценети во црквата!

5. Зборувам за ваш срам. Вистина ли е дека меѓу вас нема ниеден мудар, кој би можел да пресуди меѓу своите браќа?

6. Туку брат се суди со брат, и тоа пред неверници!

7. Без сомнение, тоа е за сите вас неуспех, дека имате парници помеѓу себе. Зошто порадо не ја претрпите неправдата? Зошто порадо не ја прежалите штетата?

8. Туку вие сами ги онеправдувате и оштетувате, и тоа браќата!

9. Или не знаете ли дека неправедниците нема да го наследат Божјото Царство? Не измамувајте се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни мекушците, ни изопачените мажи (содомци),

10. ни крадците, ни лакомците, ни пијаниците, ни клеветниците, ни разбојниците, нема да го наследат Божјото Царство.

11. И некои од вас беа такви. Но, се измивте, и се осветивте, и се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог.

12. Сè ми е дозволено, но не е сè полезно. Сè ми е дозволено, но не сакам нешто да завладее над мене.

13. Храната е за стомакот, а стомакот за храната; Бог ќе ги уништи и едното и другото. А телото не е за блудство, туку за Господа, и Господ за телото;

14. а Бог, Кој Го воскресна Господа, ќе нè воскресне и нас со Својата сила.

15. Не знаете ли дека вашите тела се Христови членови? И така, ќе ги земам ли Христовите членови и да ги направам членови на блудница? Да не биде!

16. Или не знаете ли дека оној кој ќе се соедини со блудница е едно тело со неа? Зашто рече: „Обата ќе бидат едно тело.”

17. А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него.

18. Бегајте од блудство! Секој грев, што човекот го прави, е надвор од телото; а блудникот греши против своето сопствено тело.

19. Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, Кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси?

20. Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.