Стар Завет

Нов Завет

1 Коринќаните 4:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така, секој човек нека нè смета за Христови служители и за управители на Божјите тајни!

2. А од управителите натаму се бара секој да се покаже верен.

3. За мене сосем малку ми значи, што ме осудувате вие, или друг човечки суд; а ни самиот јас не се судам себеси.

4. Зашто не знам дека сум виновен во нешто, но со тоа не сум оправдан. Туку, Господ е Тој, Кој ќе ме суди.

5. Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата; и тогаш секој ќе ја прими пофалбата од Бога.

6. А врз себе и врз Аполоса покажав пример, браќа, заради вас, за да научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се вообразувате еден над друг.

7. Зашто, кој те прави да се разликуваш од другиот ? И што имаш, што не си примил? И така, ако си примил, зошто се фалиш како да не си примил?

8. Веќе сте заситени! Веќе се збогативте! Без нас се зацаривте. И камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!

9. Зашто ми се чини, Бог нè постави нас апостолите најпоследни, како осудени на смрт; зашто им станавме призор на светот, и на ангелите и на луѓето.

10. Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа! Ние сме слаби, а вие, јаки; вие сте славни, а ние без чест.

11. До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени сме, и нè бијат, и скитаме,

12. и се трудиме работејќи со своите раце. Кога нè навредуваат, ние благословуваме; кога нè гонат, ние поднесуваме;

13. кога нè клеветат ние се обраќаме благо. Станавме како нечистотија на светот, како смет исфрлен од сите, сè досега.

Прочитајте целосна глава 1 Коринќаните 4