Стар Завет

Нов Завет

1 Коринќаните 15:30-45 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. И ние зошто сме секој час во опасности?

31. Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден.

32. Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!”

33. Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!”

34. Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова.

35. Но, некој ќе праша:”Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат?

36. Неразумен човеку, она што го сееше ти, не оживува, ако не умре.

37. И што сееш, не го сееш телото што ќе биде; туку голо зрно, било пченично или од нешто друго.

38. А Бог му дава тело, какво што сака; и на секое семе негово тело.

39. Не е секое тело исто тело: туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, и друго е телото на птиците, и друго на рибите.

40. Има и небесни тела и земни тела, но друг е сјајот на небесните тела, друг на земните.

41. Друг е сјајот на сонцето, а друг е сјајот на месечината; а друг е сјајот на ѕвездите, зашто ѕвезда од ѕвезда се разликува по сјајот.

42. Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост;

43. се сее без чест, воскреснува во слава; се сее во слабост, воскреснува во сила;

44. се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело.

45. Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа”; а последниот Адам - животворен Дух.

Прочитајте целосна глава 1 Коринќаните 15