Стар Завет

Нов Завет

1 Коринќаните 15:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ви напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав и кое вие го примивте и во кое стоите.

2. Преку кое и се спасувате, ако го држите цврсто како што ви го проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.

3. Зашто, ви го предадов најнапред она, што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата,

4. и дека е погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата;

5. дека му се јави на Кифа, после на Дванаесетте.

6. Потоа им се јави еднаш на повеќе од пет стотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои - починаа.

7. Потоа му се јави на Јакова, па тогаш на сите апостоли.

8. А најпосле ми се јави и мене како на недоносче.

9. Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква.

10. Но со Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат, која ми е дадена мене, не беше напразно, туку се потрудив поизобилно од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене.

11. И така: било јас или тие, така проповедаме; а вие така поверувавте.

12. Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите?

13. Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал;

14. А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера.

15. При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат.

Прочитајте целосна глава 1 Коринќаните 15