6. Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за праведност независно од делата, велејќи:
7. „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени;
8. блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“
9. А дали ова блаженство се однесува само за обрезаните или и за необрезаните? Бидејќи велиме дека на Авраам верата му се сметаше за праведност.
10. Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обрезанието, туку пред обрезанието.
11. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност,
12. и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието.
13. Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата.
14. Зашто ако можат да бидат наследници само оние што имаат Закон, тогаш и верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено;
15. зашто Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престап.
16. Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздравено не само по Законот, туку и по верата за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нас,
17. според напишаното: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го повикува да суштествува, она што не суштествува.
18. Авраам, без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето потомство.“