16. Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“
17. Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.
18. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
19. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.“
20. Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос.
21. Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.