29. Кога неговите ученици слушнаа, дојдоа и го положија во гроб.
30. И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале.
31. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.
32. И отидоа со кораб сами во осамено место.
33. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија и се собраа околу Него.
34. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.
35. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Пусто е местово, а и доцна е;
36. распушти ги за да отидат по околните села и населби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“
37. Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да појдеме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“
38. Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“
39. Тогаш Исус им рече на сите да поседнат по групи по зелената трева.