19. А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.
20. Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу работи вршеше откако ќе го слушне, а со задоволство го слушаше.
21. И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини Галилејски;
22. и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирод. Тогаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“
23. И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“
24. А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“
25. И таа веднаш влезе кај царот и побара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован Крстител!“
26. Царот се натажи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да откаже.
27. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.
28. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.
29. Кога неговите ученици слушнаа, дојдоа и го положија во гроб.
30. И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале.
31. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.
32. И отидоа со кораб сами во осамено место.
33. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија и се собраа околу Него.
34. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.