12. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.
13. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ве извести за она што доаѓа.
14. Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави.
15. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.“
16. „Уште малку, и нема да Ме гледате, и по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам кај Отецот.“
17. Тогаш некои од учениците Негови си рекоа меѓу себе: „Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘ и ‚Јас си одам кај Отецот?‘“
18. И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: ‚Уште малку?‘“
19. Исус разбра дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘
20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.
21. Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.