28. Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот?‘
29. Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина.
30. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина.
31. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов:
32. ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!
34. Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав неговото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега пријди да те пратам во Египет!‘
35. Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.
36. Тој ги изведе, правејќи чудеса и знаци во земјата египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.
37. Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене. Него послушајте Го!‘.