13. И кога отидоа по вторпат, Јосиф им се откри на браќата и фараонот го запозна родот на Јосиф.
14. Тогаш Јосиф прати гласници да го повикаат татко му Јаков и сиот свој род – седумдесет и пет души.
15. И така Јаков слезе во Египет, и таму умре тој и татковците наши;
16. и ги пренесоа во Сихем, и ги положија во гробот, што во Сихем го беше купил за сребро Авраам од синовите на Емор.
17. Но како што наближуваше времето за исполнување на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, во Египет се зголемуваше и се намножуваше бројот на луѓето,
18. сѐ додека во Египет не дојде друг цар кој не го познаваше Јосиф.
19. Тој лукаво постапи со нашиот народ, ги мачеше татковците наши, присилувајќи ги своите новороденчиња да ги оставаат за да не останат живи.
20. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.
21. А кога беше оставен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.
22. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.
23. А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.
24. И кога виде дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за измачуваниот, го уби Египќанецот.
25. Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија.
26. А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘
27. Но оној што го навредуваше својот ближен, го одби од себе и му рече: ‚Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас?
28. Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот?‘
29. Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина.
30. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина.
31. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов:
32. ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!