1. И уште додека тие му зборуваа на народот, пристапија кон нив свештениците, старешината на храмот и садукеите,
2. огорчени што тие го поучуваат народот и навестуваат воскресение на мртвите во името на Исус Христос;
3. и кренаа раце на нив и ги ставија под стража до утрината; зашто се беше веќе завечерило.
4. А мнозина од оние што го слушаа словото, поверуваа; бројот на тие луѓе беше околу пет илјади.
5. Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците,
6. првосвештеникот Ана, Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот првосвештенички.
7. Откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква моќ и во чие име го направивте ова?“
8. Тогаш Петар, исполнет со Дух Свети, им рече: „Началници народни и старешини израилски,
9. ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој излекуван,
10. тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, Кого Бог Го воскресна од мртвите.
11. Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник;
12. и во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“
13. А кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и дознаа дека тоа се неуки и прости луѓе, тие само се восхитуваа. Сфатија дека и тие беа со Исус.
14. Но, гледајќи го излечениот човек како стои со нив, тие немаа што да им возвратат.
15. Затоа им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, па почнаа да се советуваат и да се прашуваат еден со друг,
16. велејќи: „Што да правиме со овие луѓе? Зашто и големото чудо што се случи преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме.
17. Но за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не зборуваат повеќе никому во Негово име.“