21. А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, и да не постапуваат по обичаите.
22. И што да се прави сега? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе слушнат дека си дошол.
23. Направи, пак, што ти велиме: кај нас има четворица мажи, кои се под завет.
24. Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го слушнале за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш.
25. А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.“
26. Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив.
27. А кога требаше да се свршат седумте дена, азиските Јудејци, штом го видоа во храмот го побунија целиот народ и ставија раце на него,
28. викајќи: „Луѓе Израилци, помогнете! Овој човек насекаде учи против народот, против Законот, против ова место; а освен тоа уште и Елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место.“
29. Бидејќи пред тоа во градот го беа виделе со ефесјанецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот.
30. Целиот град се раздвижи, и народот се насобра. И кога го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот; и веднаш вратата беше затворена.
31. И кога сакаа да го убијат, пристигна вест до заповедникот на четата дека цел Ерусалим се побунил.
32. А тој веднаш зеде војници и офисери и се спушти кон нив; тие, кога ги видоа заповедникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле.
33. Тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни ланци, па праша: кој е тој и што направил?
34. Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој не можејќи да ја дознае вистината поради силната врева, заповеда да го одведат во тврдината.
35. А кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат, поради насилието од народот;
36. бидејќи многу народ ги следеше и викаше: „Погуби го!“
37. Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Можам ли да ти кажам нешто?“ А тој рече: „Зарем знаеш грчки?
38. Не си ли ти оној Египќанин, кој пред неколку дни крена бунт и одведе во пустина четири илјади мажи разбојници?“
39. А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој мошне познат град; те молам, дозволи да му проговорам на народот.“