1. И штотуку се одделивме од нив отпловивме. Пловејќи стигнавме право во Кос, а на вториот ден во Родос, и оттаму во Патара.
2. Таму откако најдовме кораб, кој заминуваше за Феникија, се качивме и отпловивме.
3. Штом го наѕревме Кипар и го оставивме одлево, запловивме кон Сирија. Се симнавме во Тир, зашто таму требаше коработ да се растовари.
4. И кога ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павле да не влегува во Ерусалим.
5. А кога изминаа деновите, излеговме и тргнавме на пат, а сите нѐ испраќаа со жените и децата сѐ до крајот од градот. На брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме.
6. И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија дома.
7. А ние го завршивме пловењето од Тир и стигнавме во Птолемаида. Таму ги поздравивме браќата и кај нив останавме еден ден.
8. Утредента, Павле и ние кои бевме со него, отпатувавме и дојдовме во Кесарија. Таму влеговме во куќата на Филип благовесникот, кој беше еден од седуммината ѓакони, и останавме кај него.
9. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа.
10. Ние престојувавме кај нив многу дни. Тогаш од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав;
11. и кога дојде кај нас, го зеде Павловиот појас, па ги врза рацете свои и нозете и рече: „Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, на кого што му припаѓа овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците.“
12. Штом го чувме тоа, и ние и тамошните го молевме да не се качува во Ерусалим.
13. Но Павле одговори: „Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус.“
14. А бидејќи тој не се премисли, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде волјата Господова!“
15. Откако изминаа деновите се подготвивме за пат и се искачивме во Ерусалим.
16. Со нас дојдоа и некои ученици од Кесарија, кои нѐ одведоа кај некој си Мнасон, од Кипар, ученик од самиот почеток. Кај него требаше да престојуваме на гости.
17. Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост.