1. Пророштво. Господова беседа за Израел. Зборува Господ Кој ги оптегна небесата, ја основа земјата и му создаде дух на човекот во него:
2. „Еве, ќе го направам Ерусалим опојна чаша за сите народи наоколу - за време на опсадата на Јуда и Ерусалим.
3. Во оној ден ќе го направам Ерусалим тежок камен за сите народи: сите кои ќе го дигаат ќе се ранат тешко, а ќе се соберат против него сите народи на земјата.
4. Во оној ден - говори Господ - ќе ги поразам сите коњи со страв, а нивните јавачи со безумност. Но над Јудиниот дом ќе ги отворам очите, а со слепило ќе ги поразам сите коњи и народите.
5. Тогаш Јудините кнезови ќе речат во срцето: ‘Силата на Ерусалим е во Господа над Војските, нивниот Бог!’
6. Во оној ден ќе направам Јудините кнезови да бидат како жар вжарена на дрва, како запалена гламна сред снопови: и ќе ги голта оддесно и одлево сите народи наоколу. А Ерусалим ќе стои и натаму на своето место.
7. Господ ќе ги спаси најнапред Јудините шатори за да не се издигнат над Јуда гордоста на Давидовиот дом и гордоста на Ерусалимците:
8. Во оној ден Господ ќе ги закрили Ерусалимците: најслабиот меѓу нив ќе биде во оној ден како Давид, а Давидовиот дом ќе биде како Бог, како Господов ангел пред нив.
9. Во оној ден ќе барам да ги уништам сите народи кои го нападнаа Ерусалим.
10. А врз Давидовиот дом и врз Ерусалим ќе излеам милостив и молитвен дух. И ќе гледаат на Оној Кого го прободија; ќе тажат над Него како над единец; ќе го оплакуваат горко како првенец.
11. Во оној ден ќе настане голем плач во Ерусалим, како плачот во Ададримон, во Мегидонската Рамница.
12. И земјата ќе плаче; секое семејство насамо, и нивните жени насамо: семејството на Давидовиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството на Натановиот дом насамо, и нивните жени насамо;
13. семејството на Левиевиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството Семеево насамо, и нивните жени насамо;
14. и сите други семејства, секое семејство за себе, и нивните жени насамо.
Прочитајте целосна глава Захарија 12