2. „Прашајте ги сите сихемски граѓани: ‘Што ви е подобро, над вас да владеат седумдесет луѓе, сите Јеровалови синови, или еден човек?’ Спомнете си дека јас сум од вашето тело и од вашите коски!”
3. Браќата на неговата мајка им го пренесоа тоа на другите сихемски граѓани, и нивното срце се приклони кон Авимелеха, зашто зборуваа: „Наш брат е!”
4. И му дадоа седумдесет сикли сребро од храмот Вал- Веритов; со тоа Авимелех најми расипаници и ништожници, кои тргнаа по него.
5. Тогаш дојде во домот на татка си во Офра, и ги погуби своите браќа, Јероваловите синови, седумдесет луѓе, на еден камен. Му избега само Јотам, најмладиот Јеровалов син, зашто се беше скрил.
6. Тогаш се собраа сите сихемски граѓани и сиот Милов дом па го поставија Авимелеха за цар кај дабот што стои во Сихем.
7. Кога му раскажаа за тоа на Јотам, тој отиде и застана на врвот на гората Гаризин и им извика со сиот глас: „Чујте ме сихемски жители, и Бог ќе ве послуша вас!
8. Еднаш тргнале дрвата за да помазат цар кој ќе владее над нив. Па и рекоа на маслинката: ‘Биди ни цар!’
9. Маслинката им одговори: ‘Зар да се одречам од своето масло, што им е на чест на Бог и на луѓето за да владеам над другите дрва?’
10. Тогаш дрвата и рекоа на смоквата: ‘Дојди, биди ни цар!’
11. Смоквата им одговори: ‘Зар да се откажам од слаткоста и од својот красен плод за да владеам над другите дрва?’
12. Тогаш дрвата и рекоа на лозата: ‘Дојди, биди ни цар!’
13. Лозата им одговори: ‘Зар да се одречам од виното што ги весели Бог и луѓето за да владеам над другите дрва?’
14. Тогаш сите дрва му рекоа на трнот: ‘Дојди, биди ни цар!’
15. А трнот им одговори на дрвата: ‘Ако навистина сакате да ме помажете за цар засолнете се под мојата сенка; ако не сакате, оган ќе пламне од трнот и ќе ги изгори сите ливански кедри.’”