2. „Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа.
3. Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.”
4. А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата.
5. И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија.
6. А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден
7. па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?”
8. Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.”
9. И Господ му рече на Мојсеја:
10. „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа.
11. Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви;
12. нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха.
13. Оној кој е чист, а не е на пат, па сепак пропуштил да ја подготви Пасхата, нека биде откорнат од својот народ. Бидејќи не Му принесе на Господа жртва во одреденото време, таквиот нека го носи својот грев.