1. Рувимовите синови и Гадовите синови имаа мошне многу добиток. И согледаа дека Јазирската Земја и Галадската Земја се погодни за сточарство.
2. Затоа Гадовците и Рувимовците дојдоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при управителите на општеството, па рекоа:
3. „Атарот, Девон, Јазир, Нимра, Есевон, Елеалиј, Севам, Нево и Веон -
4. земја што Господ ја порази пред Израелевото општество - е земја погодна за сточарство; а твоите слуги се занимаваат со сточарство.
5. Ако најдовме благонаклоност во твоите очи - продолжија - овој крај нека им биде даден во владеење на твоите слуги; не нè преведувај преку Јордан!”
6. Мојсеј им одговори на Гадовите синови и на Рувимовите синови: „Вашите браќа ќе одат во војна, а вие да останете тука?
7. Зошто ги одвраќате срцата на Израелевите синови од преминот во земјата, која им ја даде Господ?
8. Така постапија и вашите татковци кога ги испратив во Кадис-Варни за да ја извидат земјата.
9. Тие се искачија до долината Есхол, ја видоа земјата и ги обесхрабрија срцата на Израелевите синови, за да не влезат во земјата, која Господ им ја даде.
10. Во тој ден Господ пламна со гнев. Се заколна и рече:
11. ‘Луѓето кои излегоа од Египет, од дваесет години или нагоре, зашто не Ме следеа верно, никогаш нема да ја видат земјата што им ја ветив под заклетва на Авраама, Исака и Јакова!’
12. Господа единствено Го следеа верно: Кенезецот Халев, синот Ефониев и Навиновиот син Исус.