1. Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство.
2. Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото.
3. Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие.
4. И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам,
5. а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови.
6. Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата.
7. Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сè што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.”
8. Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сè што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав.
9. Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови!
10. Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети!
11. И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа.
12. Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино.