21. А кога ископаа друг кладенец, па спореа и заради него, го нарекоа со името Ситна.
22. Тој се пресели оттаму и ископа друг кладенец. Не спореа заради него, па го нарекоа со името Ровот и протолкуваа: „Зашто Господ ни даде пространство за да се намножиме на земјата.”
23. Оттаму се искачи во Вирсавеа.
24. Господ му се јави во истата ноќ и рече: „Јас Сум Бог на татка ти Авраама: Не бој се, Јас Сум со тебе! Ќе те благословам, ќе ти ги умножам потомците, заради својот слуга Авраама.”
25. Исак издигна жртвеник таму и Го повика Господа по име; постави таму свој шатор, а неговите слуги почнаа да копаат кладенец.
26. Тогаш при него дојде Авимелех од Герар, со својот советник Охозат и со Фихол, началник на војската.
27. Исак ги праша: „Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и кога ме истеравте од себе?”