31. Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе.
32. Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.”
33. Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.”
34. Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото,
35. јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев.
36. Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.”
37. Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите кани и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.” Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!”
38. Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп.
39. Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе.