9. А тие кои одеа пред Него и по Него викаа: „Осана! Благословен, Кој доаѓа во Господово име!
10. Благословено царството на нашиот татко Давид, што доаѓа во името Господово! Осана во висините!”
11. И влезе во Ерусалим, во Храмот, и штом разгледа сè - бидејќи веќе беше доцна - излезе со Дванаесетмината во Витанија.
12. А утреден, кога излегоа од Витанија, Тој огладне.
13. И оддалеку виде една смоква, што имаше лисја; дојде не би ли нашол нешто на неа; а кога дојде не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви.
14. Тогаш проговори и и рече: „Отсега никој довека да не јаде плод од тебе!” А Неговите ученици слушаа.
15. И дојдоа во Ерусалим. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува сите, кои купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на сребрениците, и столиците на продавачите на гулаби.
16. И не дозволуваше некој да пренесе каков и да било сад низ Храмот.
17. И ги поучуваше, велејќи им: „Не е ли напишано: ‘Мојот Дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи,’ а вие направивте од него разбојничка пештера!”
18. А главните свештеници и книжниците го чуја тоа, и бараа како да Го погубат, зашто се боеја од Него; имено сиот народ беше восхитен од Неговата наука.
19. А навечер излегуваше од градот.
20. А наутро кога поминуваа, ја видоа смоквата исушена од корен.
21. А Петар се сети и Му рече: „Учителе, погледај! Се исушила смоквата, што ја проколна!”
22. Исус одговори и им рече:
23. ”Имајте вера во Бога! Вистина ви велам, ако некој и рече на оваа гора: ‘Дигни се и фрли се во морето,’ а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе биде она што го рече, тоа и ќе биде.