25. И ете, еден учител на Законот стана да Го искушува и Го праша: „Учителе, што треба да правам, за да наследам вечен живот?”
26. А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?”
27. А тој одговори и рече: „Љуби Го Господа, својот Бог - со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси!”
28. Му рече: „Право одговори! Прави го тоа и ќе живееш!”
29. Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: „А кој е мој ближен?”
30. Исус му одговори и рече: „Еден човек, слегуваше од Ерусалим во Ерихон; и налета на разбојници, кои го соблекоа и го ранија; го оставија полумртов и си отидоа.
31. А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник, и кога го виде, си замина на другата страна.
32. Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - си замина на другата страна.
33. А еден патник Самарјанец дојде до него и кога го виде, се сожали.
34. Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; после го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него.
35. Утредента извади два динарии и му ги даде на гостилничарот и рече: „Погрижи се за него, и ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.”
36. Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној, кој попадна среде разбојниците?”
37. Тој рече: „Оној, кој му укажа милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така.”