21. Оттогаш побараа цар, и Бог им го даде Саула синот Кисов, човек од Венијаминовото племе, за четириесет години.
22. Кога го отфрли овој, им го подигна за цар Давида, за кого посведочи и рече: ‘Го најдов Давида, синот Есеев, човек по Моето срце, кој ќе ја исполни целата Моја волја.’
23. Од неговото потомство Бог - според ветувањето - му го подигна на Израел: Спасителот Исуса,
24. откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот Израелски народ покајно крштавање.
25. А кога Јован ја исполни својата должност, велеше: „Јас не сум Оној, што вие мислите; туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам обувките на нозете.
26. Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои се боите од Бога, меѓу нив, нам ни е испратено словото за ова спасение.
27. Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа, туку Го осудија и така ги исполнија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота.
28. Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилата да Го погуби.
29. И кога исполнија сè што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб.
30. Но Бог Го воскресна од мртвите.